Војводи Тетово — навивачка група која потекнува од 1988 година и ги бодрат првенствено ФК и КК Тетекс, а потоа и сите македонски спортски клубови од Тетово како што се ФК Љуботен, ОК Бамикор. Нивно препознатливо лого е рака со крст кој го претставува значењето на православието во групата. Навивање во Тетово постои уште кога ФК Тетекс играл во Втората Југословенска лига во раните 1980-ти години меѓутоа без никакво организирано навивање. На 28 октомври 1988 година официјално е формирана навивачката група „Војводи“ на натпреварот помеѓу ФК Тетекс и ФК Балкан Стококомерц, а нивно прво гостување е во Лесковац, Србија.

Имаат изработено неколку видови на маици, шалови, транспаренти, налепници и останат навивачки материјал. Нивно најдолго изработено знаме е „Со верба во бог, Војводи до гроб“ кое е долго околу 45 метри. Организатори се на иницијативата за обединување на сите навивачки групи во Македонија со мотото „Под едно име и едно знаме“. Целта на оваа иницијатива е организирано и здружено бодрење на македонските репрезентации во фудбал, кошарка и ракомет.

Групата е скоро секогаш присутна било кога и каде да игра Фудбалскиот клуб Тетекс. Имаат бројни гостувања скоро во секој град низ Македонија и воглавном гостувањата поминувале без инциденти. Кога се работи за репрезентациите на Македонија, групата секогаш стои на располагање и редовно одат на гостувања а како доказ за тоа се многуте гостувањата во Србија, Хрватска, Словенија, Словачка, Литванија, Полска, Германија, Холандија, Шведска, Романија и други држави.